Школото за борбени вештини-Пат кон Сонцето е некомерцијална институција која е посветена на изучувањето на класичните јапонски воени вештини (корју буџутсу) во нивната оригинална форма, но и прилагодени за употреба во денешно време.
Нашето школо е основач и дел од сојузот Буџинкан Македонија (Bujinkan Macedonia), кој е член на меѓународната организација Буџинкан Доџо со седиште во градот Нода во Јапонија. Деветте школи односно вештини кои се изучуваат во Буџинкан Доџо денес се обединети под едно заедничко имe-Буџинкан Будо Таиџутсу.
Засега, ние сме првиот и единствениот македонски Буџинкан Будо Таиџутсу клуб, основан во 1995 година и признаен од страна на поглаварот на организацијата-Масааки Хатсуми.
Буџинкан Будо Таиџутсу не е спорт. Во оваа вештина не постои натпреварување. Таа служи исклучиво за усовршување и јакнење на духот и телото, првенствено заради одбрана на послабите, најблиските, за самоодбрана, како и за заштита на заедницата и татковината.
Во Школото за борбени вештини-Пат кон Сонцето се изучуваат девет јапонски класични боречки вештини. Најстарата од нив (Тогакуре рју Нинџутсу) е создадена пред речиси илјада години и се до шеесетите години на минатиот век била строго чувана тајна на легендарните нинџа воини. Учителот Масааки Хатсуми е првиот наследник кој ја "отворил" оваа тајна вештина на јавноста.
Членовите на нашето школо се чесни и праведни личности кои во секое време се спремни да помогнат на својата заедница и на својата земја-Македонија. Во Пат кон Сонцето не можат да членуваат поединци со проблематично однесување или со криминално досие. Добредојдени се само тие кои имаат чисто срце, отворен ум и скротливо его.


